Малку историја
1985. Јас, млад систем-администратор, работев во компјутерскиот центар на една голема трговска фирма. Големи шкафови полни со чувствителна опрема, климатизер од 18 KW (за опремата, не за нас), терминали со зелени букви, змиско гнездо од кабли и огромни линиски принтери … Вработените местото го нарекуваа „Епицентар“ (од кратенката ЕПЦ — Електронски Пресметковен Центар). И вистина беше епицентар. Тука се чуваа сите податоци, се вршеа обработки, се печатеа прегледи. Ние бевме чувари и одржувачи, посветени во тајните на податоците и познавачи на ритуалите и индијанските танци за да ги извлечеме потребните информации … 2010. Мобилниот телефон во мојот џеб има трипати поголема процесорска сила од комплетниот некогашен моќен „Епицентар“. Податоците се насекаде, можат да бидат достапени од било кое место, со помош на десетици различни уреди. Се` е во „облакот“, се` е драстично променето. Драстични промени бараат драстично нови начини за чување и обработка на податоците. И уште подрастично различен софтвер за нивно извлекување, прикажување и анализирање.
Малку теорија
ERP (Enterprise Resource Planning) претставува интегриран, компјутерски-базиран систем кој се користи за управување со внатрешните и надворешните ресурси на една компанија, вклучувајќи ги (но не и ограничувајќи се) на материјалите, опремата, финансиските и човечките ресурси. ERP системите ги консолидираат сите бизнис операции во униформна и сеопфатна системска околина. Тоа е софтверска архитектура чија цел е да го насочува текот на информациите помеѓу сите бизнис функции во границите на организацијата и да управува со конекциите со надворешните интересенти и побарувачи. Може да се изгради на централизирана или дистрибуирана хардверска и податочна инфраструктура. Притоа, „границите“ не треба да се разберат како една локација, улична адреса, туку – напротив – како неограничен број на „места на случување“, без оглед дали се работи за генератори на информации, консументи на информации, или обете. Размената на информациите мора да биде „безшавна“ — без видливи прекини и застои. Се` мора да функционира во една голема структура, без оглед на физичките локации, но – сепак – на безбеден и сигурен начин. Мрежите на поединечните локации се нарекуваат „интранет“. Мрежата на мулти-локациски корпоративни информативни извори ја нарекуваме „екстранет“.